Катастрофална температура за Скопје за јуни, на која ќе „се пали“ црвен аларм и ќе се преземаат серија мерки за заштита на населението отсега ќе се смета 37 степени Целзиусови. За јули тој праг е определен на 39, а за август на 40 степени. Штом два дена по ред ќе се надмине оваа температура, државата ќе може да прогласи кризна состојба.
Ова е предвидено во новиот Акциски план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението во Македонија во периодот 2025-2030 година, што го изработи Институтот за јавно здравје.
Во планот е опишан прецизен и навремен систем за најава на топлински бранови, серија на мерки за заштита и одговорни институции кои треба да ги спроведат, активности за одговор при топли фази, план за мониторинг и евалуација, како и протоколи за постапување, на пример, во болниците, во училиштата итн. и низа препораки и планирани активности.
И помалку топло е опасно топло
Во новиот план е забележително дека праговите кога се прогласува жолт, портокалов и црвен аларм се значително намалени од претходниот акциски план за заштита од топло време кој беше донесен во 2011 година и важеше до скоро. Во тој план требаше да биде екстремно топло, за државата да преземе мерки. Праговите за црвен аларм беа многу високи и за Скопје за јуни беше поставен на 41 степен, за јули на дури 44, а за август на 43 степени. Иако, досега во Скопје никогаш не се измерени 44 степени, а рекордот за главниот град е 43,4 степени на 24 јули 2007 година.
Фото: Акциски план за заштита од топлото време 2025-2030
Највисок праг во стариот план беше поставен на дури 45 степени, за јули за Демир Капија. Жителите на ова мало, а најтопло место во Македонија требаше да ја дочекаат температурата која ретко кога е надмината во државата, за да можат да речат дека и кај нив времето официјално се смета за катастрофално топло. Рекордот за најтопол ден во историјата го држи токму Демир Капија, со измерена температура од 45,7 степени на 24 јули 2007 година. Во новиот план прагот за црвен аларм за Демир Капија за јули е поставен на пристојни 40 степени.

Практично, највисоко поставена температура после која се прогласува катастрофа, според новиот акциски план е 41 степен (за август за Демир Капија и за јули и за август за Гевгелија). За сите останати региони е пониска. Теоретски, тоа значи дека ако температурата насекаде е над 41 степен, целата држава е во катастрофална временска појава.
Ако има заштита, помалку се умира
Во Европа 2023 година беше втората најтопла година измерена досега, со рекорден број денови на екстремен топлотен стрес, се вели во планот. Високите температури се едни од најголемите здравствени ризици, со потенцијални смртни последици. Според една студија, околу 48.000 смртни случаи во 35 европски земји, во летото 2023 година, се должат на изложеноста на топлина, особено топлина со подолго траење или висок интензитет во форма на топлотни бранови.
„Во Македонија, зачестената појава на топлотни бранови во последните години, има значајни последици врз здравјето на населението, што предизвикува и зголемено оптоварување на здравствениот систем во целина, нагласувајќи ја итната потреба од сеопфатен акциски план за превенирање на последиците врз здравјето. Според анализите од Управата за хидрометеоролошки работи, најголема фреквенција на топлотни бранови има во последните 10 години. Бројот, времетраењето и интензитетот на топлотните бранови во иднина ќе се зголемуваат, со што ќе се зголемува и појавата на негативните здравствени ефекти врз луѓето, особено поради влијанијата на променливата влажност на воздухот и аерозагадувањето.
Дополнително, почестата појава на тропски ноќи, со недостаток на доволно долги периоди за закрепнување, особено може да влијае врз здравјето на луѓето од урбаните средини и лица од социјално ранливи категории, како на пример, бездомници, социјално изолирани лица, мигранти и др.“, се вели во Акцискиот план.
Алармантно е, се додава, тоа што од 2018 до 2022 година е забележан пораст од 113 отсто на бројот на смртни случаи годишно поврзани со топлина кај возрасните над 65 години во споредба со периодот од 2000 до 2004 година.
„Според истражувањето на ИЈЗ од 2023 година, времетраењето на топлотните бранови и интензитетот на температурите, значително ги зголемуваат ризиците од хоспитализација за исхемична срцева болест, особено за време на првиот топлотен бран во годината. Регистриран е врв на хоспитализации во Скопје од болести поврзани со топлината на првиот ден по топлотниот бран, додека при натамошните топлотни бранови е забележано зголемувањето на хоспитализациите по 3-5 дена. Највисоки стапки на хоспитализација се забележани кај лицата на возраст над 65 години, а најчеста дијагноза е ангина пекторис. Мажите во споредба со жените биле попогодени“, се вели во планот.
Важно е да се спомене, се додава, дека ефектите од изложеноста на високи температури и топлотни бранови имаат и социјална димензија, бидејќи топлината влијае на целото население, од бебиња или мали деца до стари и социјално изолирани лица.
„Освен ефектите на физичкото здравје, мора да се земат предвид и ефектите кои ги има врз менталното здравје и индиректните ефекти кои ги предизвикува, на пример, врз работната способност, ризикот од несреќи/повреди, достапноста на безбедна вода и храна и др.“, пишува во Акцискиот план.
Досегашните податоци од повеќе европски земји, се додава, покажуваат дека смртните случаи (морталитетот) поврзани со топлина и последиците од болестите поврзани со топлина (морбидитетот) би можеле значително да се намалат преку соодветно планирање и имплементирање мерки за заштита од ефектите на топлотните бранови во рамките на националните акциони планови.
Кој може, да работи од дома
Дел од мерките што ќе ги разгледува Владата при топол бран се однесуваат на работното време. За одредени сектори каде не се нарушува производствениот процес ќе бидат ослободени од работанајранливите групи на населението, како бремените жени и луѓето над 60 години). Владата ќе препорачува до работодавците да ја разгледаат можноста за работење онлајн, за флексибилно работно време, за двократно работење, за престанок со работа, па надополнување на изгубеното работно време ислично. За вработените во т.н. „критична инфраструктура“, односно, здравство, полиција, армија, транспорт, енергетика, јавни комунални претпријатија, не се препорачува потенцијалната мерка за ослободување од работа.
Нè очекува пеколно лето, новиот план брзо ќе биде тестиран
Според сезонската прогноза на УХМР летово се очекува да биде значително потопло и посушно. Постои многу голема веројатност дека температурите во Македонија ќе ги надминат многугодишните просечни вредности. Надминувањето може да достигне и до 3 степени Целзиусови речиси на целата територија. Најголемо позитивно отстапување на температурата на воздухот од повеќегодишните просеци за оваа сезона се очекува да биде во јули.