Мал полициски авион се урна во близина на популарно одморалиште во Тајланд, при што загинаа пет од шесте лица во авионот, соопштија утрово тамошните власти, објави АП.
Авионот бил на пробен лет како подготовка за обука за падобранство во округот Хуа Хин пред да се сруши околу 8 часот наутро по локално време, изјави портпаролот на тајландската полиција Аршајон Краитонг.
Официјалните лица не кажаа веднаш за каков модел на авион станува збор, но снимките покажуваат дека станува збор за двомоторен „Викинг ДХЦ-6 Твин Отер“, јавува АП.
Авионот се урна во близина на аеродромот Хуа Хин, соопштија официјални лица.
На снимката се гледа авионот во морето на околу 100 метри од брегот, а неговиот труп изгледа како да е скршен на два дела.
Во авионот имало шест лица, сите полицајци, изјави портпаролот.
Властите почнаа да ја испитуваат црната кутија, со цел да ја утврдат причината за падот на малиот авион, објави Франс Прес.
Снимките објавени на социјалните мрежи го покажуваат авионот како спирално се спушта пред да се сруши во морето, како и луѓе кои се обидуваат да стигнат до местото на несреќата.