Аргентина прогласи тридневна национална жалост по разорните поплави во пристанишниот град Баија Бланка, во кои загинаа најмалку 16 лица, објавија властите доцна во неделата.
„Има 16 потврдени смртни случаи, но веројатно има повеќе“, рече градоначалникот Федерико Сусбиелс на платформата X.
Спасувачките тимови се уште трагаат по исчезнатите, додека се зголемуваат стравувањата дека бројот на жртвите може да се зголеми.
Еден од најпотресните случаи е трагедијата на две сестри, на возраст од една и пет години, кои со својата мајка се качиле на покривот на комбето, обидувајќи се да избегаат од надојдените води, но пороите ги однеле.
Федералната влада вети итна помош од десет милијарди пезоси (9,2 милиони долари). Кабинетот на претседателот Хавиер Мили соопшти дека „сите сектори на националната влада ќе останат посветени да им помогнат на жртвите во овој момент на тага за сите Аргентинци“.
Аргентинската фудбалска ѕвезда Лионел Меси изрази сочувство на Инстаграм, пишувајќи дека им посака „многу сила на сите кои минуваат низ тежок период во овој тежок момент“.
Катастрофа ја погоди Баја Бланка во петокот, кога количината на дожд што обично паѓа во текот на цела година падна за еден ден. Клучниот пристанишен град во провинцијата Буенос Аирес остана под вода, а илјадници луѓе останаа без струја.
Експертите предупредуваат дека оваа катастрофа укажува на зголемени климатски ризици.
„Ова е јасен пример за климатски промени“, рече Андреа Дуфург, претставник за заштита на животната средина, нагласувајќи ја потребата од зајакнување на системите за рано предупредување и мерките за отпорност.
Баја Бланка претрпе разорни бури и претходно, но властите велат дека овие поплави се меѓу најлошите во историјата на градот.