Најмалку 15 лица беа убиени, а околу 200 ранети кога израелските сили отворија оган во близина на точка за дистрибуција на хуманитарна помош во јужниот дел на Појасот Газа, соопшти во вторник Цивилната одбрана на Газа. Палестинската новинска агенција Вафа го зголеми бројот на жртви на 24.
Според дописник на Вафа, израелската артилерија и воздушни напади ја таргетирале областа околу кружниот тек Ал-Алам, западно од градот Рафа, додека раселените цивили се собирале за да примат помош.
Израелската војска во соопштението изјави дека „неколку лица кои се приближувале кон војниците“ биле обележани како сомнителни цели и „не ги следеле одредените рути“. Израелската војска додаде дека е свесна за извештаите за жртви и дека инцидентот се истражува.
Во соопштението се вели и дека Фондацијата за хуманитарна помош во Газа, поддржана од САД, дејствувала „за да овозможи дистрибуција на помош до луѓето од Газа – не до Хамас“.
Џејк Вуд, поранешен американски маринец и до неодамна раководител на Фондацијата, поднесе оставка пред неколку дена, велејќи дека операцијата повеќе не може да ја исполни својата мисија во согласност со „хуманитарните принципи“.
Ројтерс објави дека Фондацијата дистрибуирала 21 камион со помош во вторник наутро, заобиколувајќи ги традиционалните организации за помош што работат на палестинските територии, во координација со израелските власти, објави Гардијан.