Најмалку 14 лица загинаа во поплавите на Бали, а две се водат како исчезнати, додека најмалку 500 лица се евакуирани во училиштата и џамиите, соопштија властите на Бали.
Дождот оттогаш престана, а 125 спасувачи бараат две исчезнати лица во туристичкиот центар Денпасар, изјави портпаролот на агенцијата за ублажување на катастрофи Абдул Мухари.
Обилните дождови во вторник и среда предизвикаа поплави во Денпасар и шест од осумте области на Бали, блокирајќи ги главните патишта, вклучувајќи го и пристапот до меѓународниот аеродром на индонезискиот остров, објави АП.
Повеќето од смртните случаи се случиле кога реките се излеале од своите корита и ги однеле луѓето, а меѓу жртвите немало странци.
Спасувачите сè уште пумпаат вода од неколку поплавени згради, а околу 500 војници се распоредени за чистење на улиците од кал, урнатини и камења.
„Врвот на бурата помина и водата генерално се повлече. Сега се фокусираме на расчистување на калта од улиците“, рече Абдул.
Силните дождови предизвикаа и поплави во Источна Нуса Тенгара, Индонезија, каде што загинаа четири лица.