Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска алармираше дека има сериозни индиции дека пожарот во околината на Чучер Сандево е подметнат, со намера да се предизвика штета и паника меѓу жителите.
– Веднаш ми беше јасно дека не станува збор за случаен пожар од отпушок. Кога стигнавме на местото, 15-20 минути по избувнувањето, огнената линија беше предолго широка, што предизвика сомнеш за подметнување – изјави Ангелов.
Но најшокантното откритие дошло утрово. Додека пожарникарите се обидувале да го догаснат она што останало од пожарот, кој сега е ставен под контрола, биле пронајдени палети премачкани со бензин, фрлени во густите смреки.
– Некој утрово намерно се обидел повторно да го запали теренот. Тоа е директна закана за целиот регион. Апелирам до сите граѓани доколку забележите сомнителни лица кои пренесуваат палети со возила или во раце, веднаш јавете се на 112 – додаде Ангелов.
Тој истовремено ги демантираше гласините дека биле зафатени верски објекти или изгореле викенд-куќи во регионот на Чучер.
– Благодарение на скопските пожарникари, пилотите од полицијата и армијата, како и несебичната помош од жителите – не дозволивме да изгори ниту една куќа – рече тој.
Надлежните сега ќе ги истражуваат трагите и доказите со цел да се утврди дали навистина станува збор за подметнување на пожар – дело кое може да има сериозни последици и кривична одговорност.
Денеска, од самите утрински часови, два хеликоптери од Хеликоптерската единица за полициски намени при МВР, Бел 412 и Агуста бел 212 интензивно учествуваат гасење на пожарот кај Чучер- Сандево. Досега се исфрлени преку 70 тони вода.