Американското Министерство за правда ќе му дозволи на актерот Мел Гибсон повторно да поседува оружје, и покрај пресудата за семејно насилство во 2011 година, објави Њујорк Тајмс во четвртокот, а адвокатот на одделот кој се спротивстави на тоа е отпуштен.
Тајмс, повикувајќи се на неименувани извори запознаени со одлуката на Министерството за правда, објави дека Гибсон, силен поддржувач на претседателот Доналд Трамп, е меѓу деветте лица на кои им се обновени правото на оружје.
Федералниот закон им забранува на повеќето луѓе осудени за семејно насилство да поседуваат огнено оружје.
Гибсон пред 14 години беше осуден од судија во Калифорнија на три години условна казна поради удирање на неговата тогашна девојка.
Тајмс објави дека прашањето за правата за оружје на Гибсон предизвикало конфликт во Министерството за правда бидејќи Елизабет Ојер, адвокатка за помилување на одделот, минатиот месец одбила да се согласи да го врати правото на актерот да поседува пиштол. Еден ден подоцна, таа беше отпуштена.
Во интервју за Тајмс, Ојер рече дека ѝ било кажано од висок функционер на Министерството за правда дека правата за оружје на Гибсон треба да се обноват врз основа на фактот дека тој има личен однос со претседателот.
Ојер рече дека нејзиното одбивање да се согласи не е политичка одлука, туку врз основа на нејзиниот неуспех да спроведе истрага за случајот на Гибсон и затоа што ја сметала пресудата за семејно насилство крајно вознемирувачка.
Неколку дена пред неговата инаугурација во јануари, Трамп го именуваше Гибсон, заедно со актерите Силвестер Сталоне и Џон Војт, за „специјални амбасадори“ во Холивуд.