На иницијатива на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, со одлука на Владата на Македонија, започнат е процес на преоценување на критериумите за здравствено осигурување.
Македонија има еден од највклучувачките закони кои обезбедуваат основ за здравствено осигурување за секој еден граѓанин, затоа што целта е универзално здравствено осигурување за сите, соопшти директорот на Фондот Сашо Клековски.
Во моментов во Фондот има 1.845.007 осигуреници.
Целта на преоценувањето е да се намали ризикот од злоупотреба и посебен фокус е основот за осигурување за „лица со пониски и повисоки примања, а не се вработени (невработени лица)“. По тој основ се осигурани околу 477.000 лица.
Целта за овој основ е да се опфатат не само активните баратели на работа, туку и лицата кои не се формално вработени. Ризикот од злоупотреба се лица кои неформално работат во сива економија и лица кои живеат или приходите им се во странство. И едните и другите немаат регистрирани приходи во земјата и се квалификуваат за бесплатна здравствена заштита.
Поради тоа Фондот трпи штети и по основ на приходи за здравствено осигурување и по основ на повеќе исплатени капитации зашто бројот на осигуреници е основ за плаќање на матичните лекари.
Основниот проблем е сивата економија и затоа процесот го води работна група која покрај Фондот го вклучува Министерството за здравство, Министерството за финансии и Управа за јавни приходи, а по потреба се консултира Министерството за внатрешни работи, додава Клековски.
 
							 
								 
			

 


 
                               















 
		 
		 
		 
		 
		







 
		 
		 
		 
		