Јужна Африка ги ослободува хрватските граѓани од потребата да добијат виза за престој до 90 дена, објави хрватското Министерство за надворешни и европски работи.
„Ова достигнување е резултат на зајакната соработка и комуникација со јужноафриканската страна, предводена од министерот за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман, и активности на сите нивоа во рамките на Министерството за надворешни и европски работи, вклучително и Амбасадата на Република Хрватска во Преторија“, соопшти Министерството за надворешни и европски работи.
Во соопштението се додава дека дополнителен импулс на билатералните односи е даден со посетата на заменик-министерот за надворешни работи на Јужна Африка, Алвин Ботес, на Загреб во декември 2024 година, како и политичките консултации.
Министерството за надворешни и европски работи нагласи дека Јужна Африка има „строг визен режим“, поради што хрватските граѓани досега мораа да аплицираат за виза, што „значително го отежна“ патувањето и работењето на хрватските компании во таа земја.
„Оваа одлука им овозможува на нашите граѓани и на деловниот сектор полесен пристап до земја со значајно влијание на африканскиот континент и во светот, која оваа година претседава со групата Г20“, објасни Министерството за надворешни работи.