Преговарачите од Русија и од Украина, Владимир Медински и Рустем Умеров денеска се состанаа на мировни разговори во Истанбул, Турција, за прекин на војната.
Според руската државна новинска агенција Тас, состанокот во палатата Чираган во Истанбул заврши за помалку од еден час. Резултатите засега не се познати. Неофицијално, договорена е не само размена на заробени војници, туку и на заробени цивили.
Очекувањата не беа високи, Двете завојувани страни опишаа дека е малку веројатен пробив за мирно решение, бидејќи нивните ставови се премногу оддалечени.
Војната што ја почна Русија трае повеќе од три години.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го најави состанокот претходно оваа недела, но ги ублажи очекувањата. Тој рече дека приоритет на Киев е проширување на размената на затвореници и враќање на децата кои беа киднапирани од Русија од окупираните територии.
Москва и Киев ги продолжија директните разговори во мај за прв пат од 2022 година.