Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Москва ги чека сигналите од Вашингтон за преговори за разоружување „што е во интерес на двете земји, но и на целиот свет“. Тој исто така рече дека во преговорите е потребно да се земат предвид нуклеарните оружја на сите сојузници на САД, јавува руски ТАСС.
– Во сегашната ситуација, треба да се земат предвид сите нуклеарни капацитети. Особено, невозможно е да се води разговор без да се земат предвид нуклеарните капацитети на Франција и на Велика Британија – истакна тој.
Песков денеска ги отфрли тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека конфликтот во Украина може веднаш да заврши со пад на глобалната цена на нафтата.
Трамп синоќа во видеообраќање на Светскиот економски форум во Давос рече дека ОПЕК + ја дели одговорноста за речиси тригодишниот конфликт во Украина со тоа што ја задржа цената на нафтата превисока.
Американскиот претседател претходно изјави дека сака веднаш да се сретне со својот руски колега Владимир Путин за ставање крај на војната. Тој се закани со санкции кон Москва доколку Путин одбие да преговара.
Во интервју за „Фокс-њуз“ Трамп рече дека „и Зеленски не е ангел“ и дека и тој сноси дел од вината за конфликтот, но дека Зеленски сега сака да се решат работите преку преговори.