Дводневниот штрајк на работниците на аеродромот во Минхен, вториот по големина во Германија, почна денеска и доведе до откажување на најголемиот број летови.
Аеродромскиот оператор соопшти дека авиокомпаниите откажале околу 80 отсто од летовите од тој аеродром и дека не исклучуваат дополнителни откажувања.
Синдикатот ver.di вчера свика „предупредувачки штрајк“ во обид да го зголеми притисокот врз тековните преговори со федералната влада и градските власти за платите и условите за работа на вработените во јавниот сектор, пишува агенцијата АП.
Штрајкот треба да заврши во петок на полноќ. Меѓу учесниците има и вработени во одделенијата за аеродромски услуги.
Вработените во јавниот сектор, исто така, престанаа да работат на разни други места и услужни индустрии во Германија. Ова вклучува некои вработени на аеродромот во Хамбург, иако аеродромот соопшти дека се откажани само летовите до и од Минхен, објави германската новинска агенција ДПА.