Младиот италијански пејач Оли од Џенова е победник на овогодинешното 75-то издание на фестивалот Санремо.
Оли победи со песната „Balorda Nostalgia“, откако гласовите на новинарското жири, радио жирито и телевизиското гласање од првите три вечери на фестивалот беа комбинирани со резултатите во финалето.
Победникот на Санремо 2025 не станува автоматски италијански претставник на Евровизија, туку добива право прв да ја прифати или одбие оваа можност. Доколку победникот ја одбие поканата, тогаш Раи ќе му ја понуди на изведувачот кој го зазел второто место, потоа третото и така натаму.
Оли победи со 31 отсто од гласовите, Лусио Корси е втор со 25,7 отсто, а Брунори Сас на третото место со 16,6 отсто.
„Тоа не ми изгледа реално, толку сум среќен. Не знам што да кажам, делувам вознемирено, но многу сум среќен. Лусио, ти си многу моќен кантавтор. Поздрав до сите“, изјави победникот по гласањето.
Сцената на театарот „Аристон“, како и секогаш, беше домаќин на познати уметници, поранешни учесници на Евровизија, а сите настапија со оркестар.
Интересно е што Оли настапи со Горан Бреговиќ на четвртата вечер на Санремо, која уште се нарекува и насловна вечер. Оли изведе прекрасна обработка на иконската песна „Il Pescatore“ на легендарниот пејач и текстописец Фабрицио Де Андре, а Бреговиќ и неговиот оркестар му дадоа посебна енергија на целиот настап.
Оли е роден на 5 мај 2001 година во Џенова како Федерико Оливиери, од татко адвокат и мајка судија.
Како тинејџер се запишал на конзерваториум и во 2014 година на 14 години го напишал својот прв текст.