Државава во изминатите година и пол е консолидирана по распадот и пустошот во која беше затекната при преземањето на власта. Во изминатите месеци се поставени темелите и почнува фазата на резултати што на граѓаните ќе им донесат подобар живот, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на завршниот митинг во Скопје пред гласањето за вториот круг на локалните избори в недела.
Како што рече, „ни ја оставија во распад и потоната во сиромаштија“ и затоа било потребно „време, трпение и вера да ги помрднат работите и да почнат да ја исправаат земјата од колената на кои некои ја поставија“.
– Ни оставија институции што не работеа, економија што одеше надолу и која буквално се распаѓаше, сиромаштија која растеше, морал што беше во минус и не само финансиски, туку и идентитетски, долгови и договори, што ги плаќаме сите ние, граѓаните. Минатата власт ја остави државата во пустош. Го расклопија системот парче по парче, како да бил нивни личен имот. Го претворија јавниот сектор во партиска филијала, институциите во неми сведоци, а народот во заложник – кажа Мицкоски.
Во минатите денови од кампањата среќавал луѓе „со надежи и сомнежи, доверба и барање за одговорност“ и нивните пораки, рече, мора внимателно да се сфатат и со разбирање и благодарност да се прифатат.
– И јас сум свесен дека обврската која ја имаме и одговорноста која ја носиме е огромна. Затоа што при овие наши средби со граѓани и наши промоции на програми, секој стисок на рака е договор. Договор дека ќе работиме сериозно, посветено и вистински … Најтежок товар што можеш да го носиш е довербата на еден народ. И тоа секој политичар треба да го знае, дека народот гледа. Нашата задача не е едноставна. Не само заради ситуацијата која ја наследивме, туку таа е многу поголема. Нашата цел не е само политичка победа, туку обновување на вербата дека Македонија може и мора да биде подобра земја. И иако оди потешко од што мислевме, сепак основите ги поставивме. Не можевме веднаш да почнеме со екстремно позитивни резултати, моравме прво да направиме темели. Некои мислеа дека тоа ќе оди преку ноќ. Но, темел не се прави од муабет, туку од пот и многу поминати часови на средби, планирања, анализи, патувања, размена на мислења и одлуки. И токму затоа денес можам да кажам: темелот е поставен. Сега, по изборите, почнува фазата на жестока работа и големи резултати – истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Соопшти дека во наредниот период ќе почнат повеќе од 70 крупни нови проекти – во инфраструктура, енергетика, здравство, образование, земјоделство, култура, технологија, правда и други области, дека ќе има нови училишта, модерни болници, мерки за чист воздух, дигитална администрација и инвестиции што ќе треба да донесат достоинствени плати. Рече дека ќе почнат „серија конкретни мерки кои ќе го подобрат животот на луѓето, ќе ја зацврстат економијата и ќе донесат подобро во секој дом“.
– Да, животот е скап, секој ден е борба со сметки, со гориво, со кирија. Но нема да чекаме да се намалат цените сами од себе. Ќе создадеме услови, за повеќе пари во џебот, за поевтино живеење, за повеќе можности. Мора да ја направиме државата сојузник на граѓаните, а не непријателски систем кој е трул и кој ги предизвикува да се иселуваат. Ниту еден млад човек нема да биде оставен без шанса за дом. Ниту една мајка нема да мора да избере помеѓу кариера и семејство. Ниту еден бизнис нема да пропадне затоа што државата му стои на пат. Тоа е вистинската промена. Ова не е фантазија, ова е план. Затоа го градиме системот што во иднина ќе функционира без оглед на тоа кој е на власт, долгорочно и со коренити промени, затоа што државата не е ничија приватна фирма, туку наш заеднички дом – рече Мицкоски на собирот во центарот на Скопје.
Кога ја презеле власта приоритет било да се консолидира државата, а бидејќи веќе се поставени темелите, сега, рече, почнува фазата на резултати, при што нагласи: „Таа фаза не може да започне без жестока и правична борба против корупцијата“.
– Да бидам кристално јасен: борбата против корупцијата не е слоган. Таа е тест за нашата совест и легитимитет. Ќе има еднаквост пред законот и одговорност за злоупотреба, без оглед на функција, партија или препорака. Држава без доверба е куќа без темел. А доверба нема без правда. И ова е нашиот завет. Корупцијата е најскапата даночна стапка во оваа земја. Кога ја рушиш, ги ослободуваш парите за градинки, училници, возила за брза помош, лаборатории, локални патишта, нови болници и услуги. Затоа мора сите заедно да се бориме жестоко – рече Мицкоски.
За опонентот СДСМ кажа дека е партија што „падна на 125 илјади гласови“ затоа што, рече, „кога политиката станува себична, народот ги затвора вратите“ и „тоа е училиште за сите нас како не треба“.




























