Премиерот Христијан Мицкоски не очекува политичка криза во пресрет на локалните избори, но очекува, како што изјави денеска, заканите од страна на ДУИ да продолжат со несмален интензитет.
Според Мицкоски, на ДУИ ѝ е најмалку дојдено до јазикот или уставните судии, таа, како што рече, е исплашена за својот „криминално стекнат капитал и за основаните сомневања за криминалот што се случувал изминатите години“.
– Тие не се навикнати да бидат подолго време во опозиција. Кога се малку во опозиција веднаш има одговорност и излегуваат на површина сите активности за кои постои основано сомневање, а кои се поврзани со криминал и криминалци, да ги дознае македонската јавност и затоа се уплашени. Најмалку им е дојдено до јазикот и до уставните судии. Тие се исплашени за својот криминално стекнат капитал и за основаните сомневања за криминалот што се случувал изминатите години, посебно последните две години, бидејќи на оној дивјачки, криминален начин како што го сменија Кривичниот законик, за жал, се амнестираа за криминалот од минатото и за жал, тука ние ништо не можеме. Дури и сега иницијативата што ја покренаа пред Уставниот суд, пред нивните уставни судии што тие ги бираа, дури и под услов Уставниот суд да рече дека ќе падне тој Кривичен законик, тие сепак се амнестирани за криминалите што ги правеа пред четири, пет, шест години – истакна премиерот, одговорајќи на новинарско прашање во врска со најавата на ДУИ за интерпелација на уставните судии.
Како што оцени Мицкоски, кога се во прашање ДУИ, најмалку се работи за некакви права.
– Најмалку станува збор за какви било права, тие се исплашени за своите хациенди, скапите луксузни возила, трговските центри, дуќаните, за основаното сомневање за криминалот во ФИТР, во Министерството за економија – рече претседателот на Владата, кој денеска беше на поставувањето камен-темелник на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова Нога“.
За случајот со канцероген мазут и мерките издадени од судот, изјави:
– Па видете, јас не би ги коментирал одлуките на судот. Тоа сум го кажал многу пати во минатото. Но можам да кажам дека овие луѓе коишто правеле стотици милиони евра бизнис на грбот на граѓаните, практично се богателе на грбот на македонските граѓани со тоа што користеле, ете такви недозволиви, би рекол, средства и согорувале таков тип на недозволиви материи со што го загрозувале животот и го уништувале единственото право на живот коешто е уставно гарантирано за сите граѓани. Довербата во судството е таква каква што е. Јас тука немам што да додадам. Секој оној којшто се огрешил пред законот ќе одговара, јас тоа сум го кажал многу пати во минатото, без разлика за кого станува збор. Но, исто така дозволете ми да се заблагодарам и на Министерството за внатрешни работи, на Бирото за јавна безбедност и останатите припадници на МВР коишто беа вклучени во акциите. Затоа што мора еднаш засекогаш да владее правото, правната држава и таа да биде подеднаква држава за сите граѓани, а не само за едни да биде мајка, а за други маќеа. Така што еве ги охрабрувам овие акции коишто се во насока на борба против организираниот криминал, како што е овој случај за којшто вие зборувате – рече Мицкоски.
А во однос на тоа дека станува збор за набавка на сомнителен мазут, со сомнително потекло и квалитет, премиерот додаде:
– Да почекаме истрагата да заврши и дури откако ќе заврши истрагата можеме да коментираме кои се сите основани сомневања за коишто овие лица ќе бидат обвинети. До тогаш ќе се држиме до она до коешто Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност го соопштија на јавноста.