Премиерот Христијан Мицкоски во рамкитe на неговиот престој во Дубаи оствари повеќе средби меѓу кои со Мохамед Алабар, основач и управен директор на Eagle Hills, со Мохамед Хасан Ал-Суваиди кој е директор на Абу Даби развојна холдинг компанија која е главен глобален инвеститор, како и со Мохамед Јамеел Ал Рамахи, извршен директор на Масдар Енерџи Инвестмент Компани, една од најголемите светски инвеститори во обновлива енергија и двигатели на енергетската транзиција.
„Игл Хилс е приватна компанија за инвестирање и развој во недвижнини со седиште во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати. Компанијата веќе има инвестирано во Албанија, Унгарија и Србија. Абу Даби развојниот холдинг од 2023 година е меѓу 10-те најдобри светски суверени фондови по обем на инвестиции. Само за илустрација во 2024 година, ADQ и Владата на Египет потпишаа договор за ADQ да инвестираат 35 милијарди американски долари во развојот на Рас ел-Хекма на египетскиот медитерански брег. Договорот му дава право на ADQ да развие 130 милиони квадратни метри земја, и е најголемиот договор за странски инвестиции во историјата на Египет. Додека Масдар е пионер во чистата енергија, позиционирајќи ги ОАЕ на чело на светската енергетска транзиција. Масдар е присутна и поддржува повеќе од 40 земји во нивната енергетска транзиција. Со сите овие компании разговарав за проекти, можности и планови за инвестирање во Македонија која како држава доцни во лобирањето да се најдеме на инвестициската мапа на овие светски економаки гиганти. Даваме сѐ за да обезбедиме иднина и просперитет за нашите граѓани. Ги претставив можностите за инвестирање во Македонија и нашите напори да се најдеме на мапата на светските инвеститори. Контактите продолжуваат и нашата борба за напредок и развој“, напиша премиерот Мицкоски.