ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи интерпелацијата, во интерес на принципите, граѓаните и правдата, изјави денеска Никола Мицевски, пратеник и координатор на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“.
– Нема веќе простор за компромиси со неуспехот. Време е за одговорност. Сметаме дека дадената шанса за Љупчо Коцевски е веќе потрошена. Поддршката што тој ја доби не ја оправда. Наместо реформа и интегритет, добивме молк и сервилност кон власта што беше поразена од народот – рече Мицевски.
Тој нагласи дека без оглед на суштинските и сериозни разлики што постојат меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Левица особено, како што рече, во однос на нивниот политички курс и соработката со СДСМ, нивната заложба за бескомпромисна борба против корупцијата и организираниот криминал останува цврста, доследна и недвосмислена.
– Таа борба не смее да зависи од политичките калкулации или од моменталните партнери во опозицијата или власта. Таа борба треба да биде водена од принципи и убедувања дека државата мора конечно да добие функционален, независен и храбар обвинителски систем, кој нема да молчи пред очигледен криминал, кој нема да трепери пред политички притисок, и кој нема да се претвори во соучесник на тие што ја поткопаа државата. Институциите, во соработка со обвинителството со години молчеа пред огромните скандали, голем дел предизвикани од врвот на СДС и ДУИ, што ѝ се добро познати на јавноста – додаде Мицевски.
На денешната собраниска седница на дневен ред е интерпелацијата на обвинителот Љупчо Коцевски, поднесена од Левица.