На покана на Владата, Венецијанската комисија во моментов е во Скопје во подготовка на нејзиното мислење за Законот за правична и соодветна застапеност. Нивната посета се реализира на барање на Владата од 11 јули годинава за давање мислење, рече на прес-конференција вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење Арбен Фетаи.
Тој информира дека денеска во Владата владиниот тим одржал плодна дискусија со делегацијата на Венецијанската комисија за нацрт-законот.
– Овој нацрт-закон е доставен на мислење до оваа комисија од една суштинска причина – да биде целосно усогласен со Уставот и со европските стандарди, елиминирајќи секаков простор за толкување или спорови во иднина. Упативме четири прашања до оваа комисија за мислење: 1. Дали овој закон го унапредува уставниот принцип на правична и соодветна застапеност, земајќи ја предвид одлуката на Уставниот суд за укинување на балансерот; 2. Дали нацрт-законот промовира еднаквост преку позитивна акција и со елиминирање на бариерите за вработување; 3. Дали предлог-законот е во согласност со другите уставни принципи, како основање, слобода и права, слободното изразување на етничка припадност, владењето на правото и заштита на приватноста на сите граѓани и 4. Дали владиното координативно тело формирано со овој закон е ефикасен механизам за обезбедување, почитување, афирмација, подобрување, унапредување и следење на принципот на правична и соодветна застапеност – рече Феати.
Владата верува дека проценката на Венецијанската комисија за овие четири прашања ќе биде гаранција за силен и одржлив закон, како од правно-уставен, така и од институционален аспект.
– Со овој закон правичната застапеност првпат станува јасна и законска обврска за секоја институција и на локално ниво. Дополнително, за шест месеци ќе се прави и усогласување на сите домашни закони кои директно или индиректно го засегаат прашањето на соодветна застапеност. По добивањето на мислењето од Комисијата, законот наскоро ќе стигне во Собранието и ќе влезе во парламентарна постапка и се надевам дека ќе добие широка поддршка што заслужува еден ваков сеопфатен проект – нагласи Фетаи.
Тој информира дека овој закон е задоцнет и требало да биде одобрен од 2003 година.
– Усвојувањето на овој закон ќе исправи уште една неправда наследена од режимот на ДУИ. Овој закон не е за една заедница, туку закон за сите граѓани и за сите заедници. Тој претставува европска визија каде еднаквоста и правдата не остануваат теоретски поими, туку се трансформираат во функционални стандарди што го гарантираат интегритетот на државата и довербата на граѓаните во институциите. Со овој закон отвораме ново поглавје за нашата држава. Правична застапеност повеќе не е декларативен поим туку право гарантирано со закон, заштитено со стабилни институционални механизми – истакна Фетаи.
Тој рече дека мислењето од Комисијата се очекува да го добијат на почеток на декември.