Според независниот унгарски портал Директ 36, Орбан испратил писмо до претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, барајќи итни преговори за прекин на огнот во Украина, но Кошта порача дека безусловен прекин на огнот не е опција.
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, го критикуваше самитот во Лондон, обвинувајќи ги европските лидери дека „избраа да го продолжат војувањето наместо да изберат мир“, нарекувајќи го таквиот пристап погрешен, опасен и штетен.
Заедно со премиерот на Словачка, Роберт Фицо, Орбан најави можност да ги блокира заклучоците на Европскиот совет за Украина кои треба да бидат усвоени оваа недела.
Сепак, Кошта не изрази загриженост за овие закани и при посетата на Молдавија порача дека безусловен прекин на огнот не е опција.
– Европската Унија е проект за мир, но мирот значи и безбедност и одбрана како приоритет. Мир без одбрана е само илузија – изјави Кошта.
Тој нагласи дека никој не посакува мир повеќе од Украинците, но дека тој мора да биде „праведен и траен“.
– Мирот не е само прекин на огнот што би ѝ дал шанса на Русија повторно да се реорганизира и да се врати уште посилна. Она што го сакаме е праведен и траен мир – заклучи Кошта.