Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска примил претставници на граѓанските организации: Центар за климатски промени, Милиеуконтакт Македонија, Еко-свест, Македонско еколошко друштво и Македонско здружение на млади правници, кои работат на заштита и унапредување со животна средина и климатски промени.
Како што соопшти МЖСПП, Меџити на состанокот ги информирал за плановите и приоритетите на Министерството за животна средина и просторно планирање и на Владата за следниот период, како и за можните начини и области за соработка. Пред претставниците на невладините еколошки здруженија тој изјавил дека е отворен за соработка ни оти е добредојдена секоја нивна идеја во областа на екологијата.
Министерот рекол дека се познати причините на загадувањето и оти се работи на решенијата.
– Работиме во правец на изградба на регионални центри за депонирање на отпад, со турска фирма разговараме за постепена гасификација на целата држава, што би придонело на намалување на загаденоста од 50 до 70 отсто, проект вреден 1 милијарда евра, доделуваме нови 250 милиони евра за општините од кои многу се еколошки проекти, работиме на набавка на електрични автобуси, на менување на такси-возилата со електрични и многу други проекти – изјавил Меџити.
„Претставниците на граѓанскиот сектор ја искористија оваа прилика да ја претстават својата работа и областите од интерес. Заеднички беше ставот дека помеѓу институцијата и невладините организации постои добрата соработка која и понатаму ќе продолжи да се развива и унапредува“, соопшти Министерството.