Милошоски обелодени уште една крупна грешка на државниот обвинител

Lorita
By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

„Аргумент плус дека државниот обвинител Љупчо Коцевски е зрел за менување дава и неговата Одлука за надзор, со која тој ги прекршил нормите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси. Поточно, на 07.10.2024 година обвинителот Коцевски потпишува Одлука за вршење надзор на работата на Вишото обвинителство – Скопје и за таа цел формира работна група, во која битна улога ѝ дал на обвинителката Лиле Стефанова. Но, Коцевски морал да знае дека обвинителка којашто постапувала по одредени предмети во прв степен не е законито да врши надзор на истите предмети во втор степен“.

Ова на Фејсбук го објави пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

Како што објаснува Милошоски, обвинителката Лиле Стефанова лично учествувала и како обработувач и како застапник на поранешното СЈО во предметите „Поштенска банка“ и предметот „Драган П. Латас“, а потоа со одлуката на Коцевски добила противзаконито овластување да врши надзор за истите предмети кај нејзините колеги од вишото обвинителство.

„Оваа одлука е дополнително контроверзна бидејќи во моментот на ангажирањето на Лиле Стефанова, обвинителот Коцевски знаел дека за неа се води истрага како осомничена во предметот ‘Бонусите на СЈО’ за незаконито примени 94.000 евра, кој предмет во втор степен по жалба се разгледувал токму во Вишото обвинителство-Скопје, каде таа добила задача да врши надзор. Личниот интерес на обвинителката Лиле Стефанова како осомничена не можел, а да не влијае на нејзиниот надзор или притисок кон колегите во ВЈО-Скопје. Останува дилема кој бил мотивот на Коцевски незаконито да поставува ЈО кои ќе си вршат надзор над сопствени предмети?! Дали имал лукративен мотив или имал цел да ја заштити групата од СЈО од сомневања за незаконско работење во замена за нивната поддршка, или можеби добил политички насоки?! Но, без оглед на мотивите, со оваа постапка обвинителот Коцевски го прекршил начелото на професионалност во обвинителство, како и членовите 72 и 75 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси. Ова е уште еден пример за крупна професионална грешка од страна на Коцевски, во соработка со неговата колешка Лиле Стефанова, заради која истиот треба да си поднесе оставка или да биде разрешен од страна на Собранието“, објави Милошоски.

Плусинфо и претходно има пишувано за начинот на кој Лиле Стефанова, обвинителка од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ЈОГОКК), го искомпромитирала вонредниот надзор врз работата во скопското Вишо јавно обвинителство, што го извршил тимот назначен од државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

Во интервјуто за емисијата 360 степени на МТВ, емитувана на 13 јануари, на прашањето на водителот Васко Попетревски за приговорот на обвинителот Хајрулахи за составот на тимот којшто го вршел надзорот и во кој, според Хајрулахи, не смееле да бидат обвинителите Елвин Вели и Лиле Стефанова, бидејќи правеле надзор над предмети по кои тие самите постапувале, Коцевски вели дека тоа не било така:

– Не е вршен надзор на предмети коишто тие ги работеле. Тоа можам одговорно да го тврдам. И самите јавни обвинители ги прашав и самите потврдија дека не е вршен надзор над тие предмети – изјави тогаш државниот обвинител Љупчо Коцевски.

Share This Article