Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, го отфрли како „глупост“ предлогот на Киев за размена на делови од руската територија, што ја држи, за делови од Украина под контрола на Москва.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави за весникот Гардијан дека планира да ѝ понуди на Русија директна размена на територии за да се стави крај на војната.
Медведев, кој беше руски претседател од 2008 до 2012 година, рече дека Русија покажала дека може да постигне „мир преку сила“, а како пример ги посочи нападите со беспилотни летала и ракети што го погодија Киев денеска.
„Мир преку сила? Понекогаш овој концепт функционира. На пример, со демонстрација на вистинска, не измислена, рамнотежа на силите. Како денеска во Киев по пристигнувањето на нашите ракети и дронови. Но, ни овие постапки не се во состојба целосно да ги исчистат мозоците на оние нелегитимни кловнови кои, треперејќи од страв и од апстиненцијална криза од дрога, пред камерите зборуваат глупости за размена на територии“, напиша Медведев на својот канал на Телеграм, објави Агензија Нова.
Русија контролира нешто помалку од 20% од Украина или повеќе од 112.000 квадратни километри, додека, пак, Украина контролира околу 450 квадратни километри од западниот руски регион Курск, според картите на бојното поле.