Првиот вицепремиер, Изет Меџити, во интервјуто за емисијата „Дијалог во Лајм“ изјави дека доколку се отвори темата за промена на грбот како остатоци од комунистичкото минато, тогаш треба да се разгледа и промена на химната, како дел од новото време и европскиот дух.
– Ако грбот е комунистички реликт, тогаш и химната треба да се прилагоди. Може да биде химна само со музика, без текст, или текстот може да биде изменет. Нашата коалиција е подготвена да ги отвори овие прашања во пакети, во кои ќе се вклучат и измени за користењето на албанскиот јазик – изјави Меџити.
Инаку, ВМРО-ДПМНЕ минатата недела соопшти дека ниту било разговарано за промена на химната, ниту во иднина ќе се разговара.
Од владејачката партија им порачаа на граѓаните да бидат спокојни и дека времето на ДУИ и СДСМ на губење и на порази помина.
„ДУИ матрицата на етнизирање на сите важни прашања и СДСМ пинг-понг политиката треба да престанат. Ниту некогаш било разговарано за промена на химната, ниту пак во иднина ќе се разговара. Граѓаните може да бидат спокојни. Времето на ДУИ и СДСМ на губење и порази на сите теми, со цел да се затскрие криминалот, помина“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.