Паника владееше на лондонскиот аеродром Хитроу доцна вчера попладне откако 21 лице се разболе на Терминал 4. Поради сомневање за опасни материјали, дел од аеродромот беше евакуиран, но службите за итни случаи не пронајдоа траги од штетни супстанции по темелно пребарување, објавува The Guardian.Извор од Метрополитенската полиција подоцна посочи дека може да станува збор за масовна хистерија, со што се согласуваат некои експерти.
„Она што се случи на Хитроу е речиси сигурно епизода на масовна психогена болест која се базира на анксиозност“, рече д-р Роберт Бартоломеј, социолог на Универзитетот во Окленд и експерт за оваа тема.
Иако терминот „масовна хистерија“ може да потсетува на средновековни танцувачки чуми, ваквите настани не се непознати во современиот свет. Денес се користат термините „масовна психогена болест“ или „масовна социогена болест“.
Пример за првото се случи во 2011 година во средното училиште „ЛеРој“ во Њујорк, каде што учениците покажаа тикови како што се грчеви и спазми. Иако се стравуваше од токсини од животната средина, експертите ја дијагностицираа ситуацијата како масовна психогена болест.
„Овие епидемии се случуваат во атмосфера на анксиозност што може да трае со недели или месеци. Продолжениот стрес ги нарушува нервите и невроните што испраќаат пораки од мозокот“, објасни Бартоломеј.
Случаите базирани на анксиозност обично се предизвикани од ненадејна перцепција на токсичен агенс, како што е непознат мирис.
„Чести симптоми вклучуваат главоболка, брзо дишење, вртоглавица и несвестица“, рече Бартоломеј, додавајќи дека епизодите се појавуваат одеднаш, а жртвите често се опоравуваат за неколку минути. Токму тоа се случи на Хитроу, верува тој.
„Секогаш велам дека мора да направите истражување пред да дијагностицирате масовна психогена болест. Но, тие отидоа таму и тестираа, а тестовите беа негативни. Имавме брз почеток и закрепнување и бенигни, минливи симптоми“, забележа тој.
Тој додаде дека се сомнева дека лицето кое е префрлено во болница веројатно имало претходно постоечка состојба и дека ова е направено како мерка на претпазливост.
Ова не е прв пат аеродромот да биде поврзан со ваков настан. Вартоломеј истражувал случај на аеродромот во Мелбурн во 2005 година, кога 57 лица се разболеле откако пријавиле „мирис на гас“. Студија од 2010 година открила дека значителен број пријавени хемиски инциденти всушност може да бидат епизоди на масовна психогена болест.
Професорот Сер Сајмон Весли, од Кингс колеџ во Лондон, рече дека е „малку рано“ да се извлечат какви било дефинитивни заклучоци за Хитроу, но додаде: „Ако сето ова не доведе до ништо, тогаш да, ова може да биде епизода на она што сега го нарекуваме масовна социогена болест“.
Вартоломеј нагласи дека тоа не е ментално нарушување.
„Најдобро се опишува како колективен одговор на стрес базиран на верување. Сите имаме верувања, затоа сите сме потенцијални жртви. Не е „сè во нивните глави“ во смисла дека тие не доживуваат вистински симптоми“, заклучи тој.