Радио Слободна Европа и Гласот на Америка треба да бидат затворени, напиша синоќа на Икс технолошкиот магнат Илон Маск во одговор на коментарите на Ричард Гренел, пратеник на претседателот Доналд Трамп за специјални мисии.
„Да, затворете ги. Европа сега е слободна (без да ја сметаме гушечката бирократија). Ало? Никој повеќе не ги слуша. Тоа се само лудаци од радикалната левица што си зборуваат меѓусебе и за тоа годишно трошат една милијарда долари пари на американските даночни обврзници“, напиша Маск.
Претходно Гренел на социјалните мрежи објави:
„Радио Слободна Европа и Гласот на Америка се медиуми финансирани од американските даночни обврзници. Тоа се државни медиуми. Овие организации се полни со активисти од крајната левица. Работев со овие новинари со децении. Тие се реликт од минатото. Нема потреба од медиуми финансирани од владата“.
Одделот за владина ефикасност (ДОГЕ) во владата на Трамп веќе презеде мерки кон државната агенција УСАИД. Од саботата речисти сите вработени на оваа агенција ширум светот се на административно отсуство.
Во меѓувреме трае „чистката“ која ја најавија Маск и Трамп во целосната државна администрација. Околу 40.000 службеници во ЦИА веќе се согласиле да си заминат, а да продолжат да добиваат плата до септември.
Бројката од 40.000 вработени претставува околу два отсто од приближно два милиони федерални службеници на кои им била понудена оваа опција. Белата куќа соопшти дека целта е меѓу 5% и 10% од вработените да поднесат оставки.