Франција и Велика Британија предлагаат едномесечен прекин на огнот во Украина „по воздух, по море и во однос на енергетската инфраструктура“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон, пренесе Ројтерс.
– Предноста на ваквото примирје е што „знаеме како да го измериме“, иако линијата на фронтот е огромна, еквивалент на растојанието од Париз до Будимпешта – рече Макрон.
Британскиот премиер Кир Стармер пред почетокот на самитот во Лондон за Украина објави дека Франција и Велика Британија работат на план за прекин на огнот што ќе им го претстават на САД, забележува Франс прес.
Емануел Макрон е убеден дека Владимир Путин ќе бара, пред сè, да ја понижи Украина, особено со демилитаризација, пишува „Фигаро“.
– Нема да има европски војници на украинска територија во наредните недели – уверува францускиот претседател.
Но, тој предупредува:
– Сакаме мир. Мирот не го сакаме по секоја цена, без гаранции.
Таквиот план ќе им овозможи на Европејците да учествуваат во преговорите што Трамп и Путин инаку би ги воделе сами.
Макрон уште еднаш повика на брзо признавање на последиците од американското повлекување, инвестирајќи многу во европската одбрана.
– Веќе три години Русите трошат 10 отсто од својот БДП за одбрана. Затоа треба да се подготвиме за иднината поставувајќи цел од околу 3-3,5 отсто од БДП – вели тој.