Во Ургентниот центар во Белград ноќеска се примени 9 повредени лица од пожарот во дискотека во Кочани, од кои едно е со исклучително тешки повреди опасни по живот, јави МИА од Белград.
– Седуммина беа под третман во операциските сали. Повредените кои се префлени во УЦ имаат изгореници од два до 28 отсто на телесната површина и тоа е иницијална проценка од ноќеска. Дел од повредените имаат изгореници на горните дишни патишта – изјави утрово Милан Стојичиќ, директор на Клиниката за изгореници, пластична и реконструктивна хирургија во Универзитетскиот Клинички центар на Србија.
Според него, сите повреди лекарите на Клиниката се третираат како – тешки телесни повреди опасни по живот.
– Двајца пациенти се на интензивна нега. Еден пациент е на механичка вентилација, тој има најтешки повреди. Повреди има на бронхијалното стебло што се исклучително сериозни. Засега е неблагодарно да се прогнозира за понатамошната состојба поради специфичноста на повредите. Се надевам во следните денови ќе биде појасно за секој пациент – рече директорот Стојичиќ.
На ВМА во Белград од Скопје синоќа се префлени тројца пациенти.
– Во текот на ноќта и утрово сме во постојан контакт со колегите од ВМА за состтојбата на пациентите од Северна Макеоднија. Знаете, лекувањето изгореници е долготраен процес што трае со денови и недели – изјави др. Стојичиќ.