Македонските ученички-информатичарки, трета година по ред се оние коишто го најавуваат успешното учество за Македонија на меѓународните олимпијади по информатика

Lorita
By Lorita
4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Македонските ученички-информатичарки, трета година по ред се оние коишто го најавуваат успешното учество за Македонија на меѓународните олимпијади по информатика. На петтата по ред Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2025), која од 14 до 20 јули се одржува во Бон, Германија, нашите ученички остварија уште еден одличен резултат, освојувајќи еден бронзен медал, соопшти Здружението на информатичарите на Македонија.

Бронзениот медал за Македонија на ова значајно меѓународно натпреварување го освои Сара Стефановска од Крива Паланка, а достоен резултат постигна и Антонела Владева од Свети Николе, освојувајќи олимписка пофалница. И останатите 2 членки на македонскиот тим, Елена Трифуноска од Тетово и Јагода Панова од Струмица, имаа солидно претставување. Вклучувајќи го и овој бронзен медал, македонските ученички на досегашните 5 изданија на ЕОИД имаат освоено вкупно 1 сребрен и 7 бронзени медали.

Тимот е предводен од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), факултет кој со своите ресурси редовно ги поддржува активностите на Здружението на информатичарите на Македонија и организацијата на натпреварите по информатика. Оваа година се одржа 36-от циклус натпревари преку кој беа избрани и учесничките за оваа олимпијада. Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи.

Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД) е натпревар во програмирање, наменет само за ученички – средношколки од државите во Европа, кои се заинтересирани за изучување на компјутерските науки. Целта на ЕОИД е да ги поттикне учеството и присуството на девојките во областа на информатиката, овозможувајќи простор каде што талентираните ученички можат да ги демонстрираат своите способности и да се натпреваруваат на меѓународна сцена. Оваа олимпијада има значајна улога во мотивирањето на повеќе девојки да се одлучат за кариера во компјутерските науки и слични области, каде што жените сè уште се малку застапени. Преку создавање средина што нуди поддршка и предизвик, ЕОИД настојува да ги инспирира и да ги охрабри младите жени да напредуваат и да се истакнат во полето на информатиката.

Форматот на натпреварувањето на ЕОИД е налик на веќе востановените меѓународни олимпијади, како што е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ). Како и на ИОИ, натпреварувачките треба во ограничен временски рок да решат серија алгоритамски и проблемски задачи. Централниот дел од натпреварот се одвива во текот на два натпреварувачки дена, за време на кои ученичките се соочуваат со комплексни задачи што бараат осмислување и примена на ефикасни алгоритми. Овој натпревар не само што ги развива техничките способности, туку и ги поттикнува тимскиот дух, аналитичкото размислување и креативниот пристап.

Секоја земја – членка на ЕОИД заедницата има право да учествува со свој тим составен од најмногу четири натпреварувачки под 20-годишна возраст, избрани преку националните натпревари во програмирање, како и лидер и заменик лидер на тимот. На ЕОИД 2025 учествуваат вкупно 138 учеснички од 38 европски држави, додека во неофицијална конкуренција учествуваат и 85 ученички од 22 држави надвор од Европа (меѓу кои Австралија, Канада, Египет, Индија, САД, Саудиска Арабија и др.). Со оглед на силната конкуренција, освоениот бронзен медал претставува значајно постигнување и потврда за успехот на македонскиот тим, достоен за почит.

Следната, шеста по ред, Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2026) ќе се одржи идната година, во Италија. Следен настан пак, кој им претстои на македонските ученици – информатичари, е централниот натпревар, односно Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ) во Сукре, Боливија, која ќе се одржи од 27 јули до 3 август.

Share This Article