Одговарајќи на новинарско прашање во однос на впечатоците од посетата на САД, со остварените политички и економски контакти, премиерот Христијан Мицкоски изјави:
– Многу сум задоволен, исклучително сум задоволен. Посетата беше исклучително корисна, плодна и очекувам во периодот којшто следи резултатите да бидат видливи, интензивни и големи. Она коешто го кажувам често пати, ќе го повторам и сега. Ние домашната задача и домашната борба ќе ја водиме, еве за вакви проекти, за добра инфраструктура, за нови градинки, за нови училишта, за поконкурентна економија, за поквалитетно здравство, за подобро образование и така натаму. Тоа се работи коишто дома ние ќе ги решаваме и таа битка ќе ја водиме и ќе ја добиеме. Но, исто така мораме да победуваме и во Вашингтон, и во Њујорк, и во Брисел, и во Рим, и во Париз, и во Лондон, и во Берлин, насекаде и во други метрополи во светот. И да бидеме што е можно погласни и што повеќе аргументи да презентираме кај нашите соговорници, за македонското прашање, за сите оние предизвици коишто се пред нас, но и оние коишто беа позади нас. И мислам дека сме на добар пат. Инстант резултати нема, но важно е дека тоа што го правиме, го правиме исклучиво за интересот на граѓаните и татковината којашто единствено ја имаме – изјави премиерот.
На новинарско прашање дали тој лично би го направил првиот чекор и би иницирал средба со новоизбраниот бугарски премиер Росен Жељазков, Мицкоски рече дека со задоволство би се сретнал со својот бугарски колега.
– Кога во Бугарија се избираше премиер јас бев во САД, но еве кажувам јавно дека со задоволство би се сретнал со новоизбраниот бугарски премиер. Но, треба да биде јасно дека нашите позиции остануваат непроменети – рече Мицкоски.