Македонската ракометна репрезентација, иако блескаво стартуваше, не успеа да го одржи ритамот и загуби од Словенија со 26:32 во натпреварот од третото коло на квалификациите за Европското првенство.
Избраниците на Кире Лазаров одиграа феноменално во првиот дел, стигнувајќи до убедлива предност од 11:5. Во тој период постигнаа неколку атрактивни голови, меѓу кои се истакна ефектната шрауба на Марко Митев.
Сепак, по одличниот старт, македонските ракометари забавија, а Словенија ја презеде иницијативата. Гостите постепено ја топеа нашата предност и до паузата се доближија на само еден гол разлика (16:15).
Во второто полувреме натпреварот се претвори во изедначена битка, но Словенија првпат поведе со 18:19. Како што одминуваше времето, нашиот тим делуваше исцрпено, додека противникот ја зацврсти контролата врз мечот.
Во последните десет минути, Словенците со неколку брзи серии стигнаа до водство од 22:27, со што практично го осигураа триумфот.
Најефикасен во македонскиот состав беше Филип Кузмановски со 10 погодоци, додека Митев постигна 5, а Пешевски 4. Гоце Георгиевски додаде три гола, а голманот Никола Митревски забележа девет одбрани.
По три одиграни кола, Македонија има една победа и два порази, со што се наоѓа на третата позиција во групата, во која покрај Словенија настапува и Литванија. Словенците се први со шест бода, Литванците имаат четири, додека нашата репрезентација е на две. Сепак, шансите за пласман на Европското првенство сè уште се живи, бидејќи место обезбедуваат првите две селекции од групата, како и четирите најдобро третопласирани репрезентации.
фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI