Апсолутно е транспарентен начинот на кој се објавуваат вестите за стратешкото партнерство со Велика Британија и никогаш нема да дозволам во Парламентот на шверцерски начин да се усвојуваат закони со европско знаме, како што беше законот за изградбата на автопатските делници на коридорите 8 и 10Д, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
– Шверцерски поминаа и измените во Кривичниот законик, кога голем број осомничени или во процедура понатаму осудени лица беа амнестирани, вклучително и цела една гарнитура што беше власт 7 години. Не треба јас да потсетувам за каков криминал стануваше збор, од првиот ден кога дојдоа, па сè до последниот ден, кога потпишаа една сомнителна одлука од 250 милиони евра, со којашто практично го зголемија буџетот за изработка на проектите на Коридорите 8 и 10Д, па ние на Владина седница тоа го поништивмее – изјави премиерот Мицкоски.
Како Влада сме транспарентни, додаде тој, и работиме во интерес на граѓаните, а стратешки е многу важно како ќе се позиционираме како држава.
– Нашиот потенцијал е да се развиваме, да бидеме држава која преку 3 паневропски коридори ќе биде поврзана со Европа и со светот. Тоа се Коридорите 8 и 10Д, коишто се пресекуваат на територијата на нашата земја, а со отсечката што планираме да ја направиме во делот на Струмица, под Беласица планина, со Коридорот 11, практично ќе бидеме поврзани со сите регионални пристаништа. Во таа насока е изградбата и модернизација на пругата, која е дел од Коридорот 10 – рече Мицкоски.
Тој додаде дека имаат и физибилити студии, а тој како инжинер сигурно не би дозволил да влеземе во авантура во којашто ќе нема позитивен крај.
– Се разбира, се пресметуваше внатрешната стапка на поврат, она што економистите го викаат ИРР и очекуваме десеткратно зголемување на приходите на „Македонски железници“ во годините кога ќе биде изградена и модернизирана пругата и ќе го достигне максималниот пик – рече премиерот.
Во врска со начинот на задолжување рече дека Министерството за финансии, по претходно барање на „Македонски железници – Инфраструктура“ ќе се обрати до дваесеттина финансиски институции од светот и ќе направи т.н. мини тендер.
– Онаа институција, која под тие услови ќе даде најдобри услови за финансирање на овој проект, таа институција ние ќе ја прифатиме и со таа институција ќе потпишеме договор. Тој договор ќе биде дел од овој договор за Стратешко партнерство помеѓу двете земји. Понатаму, процедурите зависат од проектот. Овие фидиг процедури подразбираат дали имаме готов основен проект, ревидиран проект или ќе се проектира во од и ќе се гради. Ако ние имаме готов проект и треба да го изведуваме, тогаш е една процедура според фидиг, а ако ние немаме таков проект и имаме само физибилити студиј, тогаш изведувачот ќе треба да го проектира и додека го проектира да го изведува – рече Мицкоски.
Тој образложи дека принципот е таков и во таа насока државата има ангажирано реномирана британска компанија, којашто ќе биде консултант во целиот овој процес, којашто е експерт според фидиг правилата. Додаде и дека ваквиот начин на изведба на проекти не се невообичаени и се градат насекаде во светот.
– На крајот од денот, што добиваме? Добиваме најмалку десеткартно зголемување на приходите на „Македонски железници и инфраструктура“. Добиваме значајно геостратешко место, поради Коридотот 10, којшто е многу значаен. Истовремено, дел од парите, коишто беа наменети за модернизација на Коридорот 10, а се дел од Планот за раст, ги реподнесовме за модернизација на дел од Коридорот 8, односно на електрификација и за модернизација на пругата што ќе ги поврзува Скопје со Гостивар – рече Мицкоски.
Тој додаде дека ништо нема да биде на штета на македонските граѓани, а тој е убеден дека иднината на Македонија е во таа насока.