Народната банка утре ќе ја објави бројката за инвестициите во 2024 година со исклучителна, огромна, историска реализација од мај натаму. Ние ќе бидеме земја со најголем број странски инвестиции по глава на жител во регионот, рече попладнево премиерот Христијан Мицкоски, одговорајќи на пратеничко прашање во Собранието.
За годинава, напомена, имаме не помалку од 15 инвестиции, но бројот се зголемува.
– Ќе бидете сведоци на објавување камен-темелници и на почнување производства на некои од директните странски инвестиции. Но, да не ги потцениме и домашните инвестиции кои исто така ќе почнат, користејќи го унгарскиот кредит – напомена Мицкоски.
Во врска со турскиот „Казанџи холдинг“, премиерот информира дека не е само оваа компанија заинтересирана за влез во Македонија кога се работи за изградба на когенеративни централи.
– „Казанџи холдинг“ е само една од неколкуте компании што изразија желба да инвестираат. Овие инвестиции за кои ние преговараме се темелат исклучиво на пазарни услови: струјата што ќе се произведува ќе се продава на слободниот пазар, цената на топлинската енергија ќе се регулира со одлука на Регулаторната комисија и ресурсот е на товар на инвеститорот. Нема оваа Влада да каже кој да ја гради, зошто тој, која е причината, кој ќе го прави далноводот…, и по тоа се разликуваме од нашите претхоници – истакна Мицкоски.
Според него, за да се почувствува ефектот на почис воздух од капацитетите што планира да ги гради „Казанџи холдинг“, ќе треба време, 3 до 5 години.
– Чуда се невозможни, жалам што не е направено ништо досега од аспект на тоа, да им овозможиме на граѓаните енергенс за затоплување на домовите што ќе биде еколошки, – рече Мицксоки.