Луксузна лимузина „аурус“ за која се верува дека е дел од службениот возен парк на рускиот претседател Владимир Путин експлодираше во центарот на Москва. На снимката што се дели на социјалните мрежи се гледа возило „аурус сенат“, вредно околу 320.000 евра, како гори на сред улица, недалеку од седиштето на руската тајна служба ФСБ на плоштадот Лубјанка.
Се верува дека автомобилот припаѓа на возниот парк на Претседателската канцеларија за управување со имот, која е задолжена за имотот на Кремљ. На снимката се гледа како пожарот од моторот се проширил во внатрешноста на возилото. Не е познато кој бил во автомобилот во моментот на експлозијата. Според достапните информации во инцидентот нема повредени или загинати.
Претседателот Путин (72) редовно користи руски лимузини „аурус“, а една од нив неодамна му подари на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.
Овој инцидент веројатно дополнително ќе ги засили стравувањата во Кремљ дека странски агенти подготвуваат атентат врз рускиот лидер.
На почетокот на годината, Кремљ издаде предупредување дека секој обид за атентат врз Путин може да предизвика нуклеарен одговор. Во јануари, претседателот на рускиот парламент, Вјачеслав Володин, издаде сериозно предупредување до потенцијалните атентатори.
„Планирањето на убиството на претседателот Путин – па дури и само дискусијата за можноста – е кривично дело, сериозна закана за глобалната безбедност и директен пат кон нуклеарна војна“, рече тогаш тој.
Во изминатите неколку месеци беа убиени високи руски воени функционери, што дополнително ги подгреа стравувањата во Кремљ. Во декември, генерал-полковникот Игор Кирилов беше убиен во Москва, заедно со неговиот помошник, кога експлодираше бомба поставена на неговиот скутер. Кирилов ги предводеше руските сили за заштита од радијација, хемиско и биолошко оружје.