Легендарниот актер Вал Килмер почина на 65-годишна возраст, а веста за неговата смрт ја потврди неговата ќерка Мерцедес Килмер. Како причина за смртта таа го наведе воспалението на белите дробови.
На СинемаКон, годишната конвенција на сопственици на киносали што во моментот се одржува во Лас Вегас, холивудската ѕвезда Том Круз (62) го промовираше претстојниот филм „Mission: Impossible – The Final Reckoning“, кој ќе се појави во кината ова лето. Круз ги замоли присутните да му се придружат во едноминутно молчење за својот покоен колега од „Топ Ган“ Вал Килмер.
– Би сакал да му оддадам почит на мојот драг пријател Вал Килмер. Не можам да ви кажам колку се восхитувам на неговата работа, колку бев благодарен и почестен кога тој се приклучи на „Топ Ган“, а потоа се врати во „Топ Ган: Маверик“. Мислам дека би било убаво сите заедно да одржиме едноминутно молчење бидејќи тој сакаше филмови и ни даде многу. Само присетете се на сите прекрасни времиња што ги поминавме со него. Ти посакувам сè најдобро на твоето следно патување – рече Круз на сцената во хотелот „Цезар Палас“.
Вал Килмер оствари една од своите најпознати улоги во „Топ Ган“ во 1986 година, каде го портретираше Том „Ледениот човек“ Казански, талентиран и самоуверен борбен пилот кој е главниот ривал на младиот Маверик, кој го игра Том Круз. Неговата интерпретација на Ајсмен стана култна, а самиот филм едно од најпрепознатливите достигнувања на 80-тите.
Последната улога на Килмер беше со Том Круз во филмот „Топ Ган: Маверик“ од 2022 година.
– Само сакам да кажам дека беше доста емотивно – рекол Том Круз во разговор со Џими Кимел за повторното работење со стариот пријател.
– Го познавам Вал со децении и кога се врати повторно да го отелотвори тој лик… Тој е толку силен актер што веднаш повторно стана тој лик – изјавил Круз во 2023 година.
На Килмер во 2015 година му беше дијагностициран рак на грлото, поради што речиси целосно го загуби гласот, па гласот во филмот му беше реконструиран со помош на вештачка интелигенција.