Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска најави дека во четврток во Истанбул ќе се одржи нова средба на американски и руски дипломати, пренесоа странските агенции. Првата средба, на која беа и Лавров и неговиот американски колега Марко Рубио, се одржа во Ријад минатата недела.
„Нашите дипломати и експерти ќе се сретнат и ќе се осврнат на системските проблеми што се акумулираат“, рече Сергеј Лавров на прес-конференција во Катар. Тој додаде дека средбата ќе се одржи во Истанбул.
Лавров беше во Турција претходно оваа недела, а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган минатата недела по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека неговата земја е подготвена да биде домаќин на разговорите.
По преземањето на функцијата, американскиот претседател Доналд Трамп целосно ја промени американската политика кон Русија, прекинувајќи ја нејзината меѓународна изолација, што предизвика загриженост и во Украина и во Европа. На првата средба во Саудиска Арабија, руската и американската делегација разговараа за војната во Украина и за нормализирање на односите меѓу двете земји.