Лани извршителите работеле на вкупно 167.112 барања за извршување од кои завршиле 73.795 предмети, а процентот на реализација изнесува 44,15%. Од овие предмети наплатени се 160.637.022 евра од граѓаните, фирмите и другите должници. За период од 19 години наплатата изнесува 2.083.432.955 евра.
Претседателката на Комората на извршители Весна Деловска вели дека бројот на барањата за извршување се зголемил за 10.000 откако Уставниот суд го укина застарувањето како можност за ненаплата на долговите.
Извршителите, според статистиката за 2024 година, се пренатрупани со комунални предмети, кои изнесуваат 50% од вкупно примените барања за извршување. Потоа следуваат предметите за судски паушал, односно за неплатена такса за водење на судските прекршочни постапки за предмети со сума од 1000 до 2000 денари, а по нив и предметите од облигациони односи меѓу граѓаните, меѓу правните лица и останатите чинители во државата, вклучително и државата каде што се јавува како доверител.
Во врска, пак, со поплаките од граѓаните дека им се наплатува неразумно многу, Деловска појаснува дека сумите за извршните трошоци на извршителите не се високи, бидејќи покрај главниот долг, извршителот наплатува и извршни трошоци за адвокати, нотари, проценители, геодети, катастар, централен регистар и поштенски услуги.
Во вкупните трошоци на извршувањето во најголем дел учествуваат други трошоци, а не наградата на извршителот, што покажуваат и анализите на Дуинг бизнис дека иако 28,8% од целото побарување му припаѓаат на извршувањето, сепак 16,7 % не се за извршителите, туку се за адвокатите.
Овие податоци денеска се презентирани на работилница за новинарите што се одржува во Струмица, на која експертите посочија дека е потребна поголема транспарентност и соработка меѓу извршителите и новинарите, со цел заедно да го доближат извршувањето како дејност до пошироката јавност, односно преку транспарентен начин да се каже што и какви придобивки донесува извршителското работење за државата и стопанството во целина.