Управата за финансиска полиција поднесе кривични пријави до Основното јавно обвинителство Скопје против поранешниот извршен директор на Секторот за воздухопловна техника во М-НАВ АД Скопје, В.К., и против Б.А., в.д. раководител на одделение за јавни набавки, поради сомнение за злоупотреба на службена положба и несовесно работење.
Според Финансиската полиција, првопријавениот В.К. во текот на 2022 година ги споил две целосно различни јавни набавки – за изработка на оперативно софтверско решение за управување со документи и за физичко и електронско архивирање – во една тендерска постапка, со што постапил спротивно на член 89 од Законот за јавни набавки.
„Во тендерската документација се вметнати дискриминирачки и несразмерни критериуми кои претежно се однесуваат на архивирање, а не на софтверско решение, што е спротивно на начелата на сразмерност и конкуренција“, велат од Управата за финансиска полиција.
Од таму појаснуваат дека ваквото постапување резултирало со ограничена конкуренција и доделување на договорот на конкретна фирма – „Контего ДОО Скопје“, со што буџетот на М-НАВ АД бил оштетен за 1.493.433 денари.
Второпријавената Б.А., како единствено овластено лице за водење постапки за јавни набавки, според полицијата, и покрај тоа што била свесна за незаконитоста на документацијата, дозволила нејзина објава и спроведување преку електронскиот систем за јавни набавки.
„Со пропуштање на должен надзор, таа несовесно ги извршувала своите овластувања и придонела кон реализацијата на тендерот којшто бил спротивен на законските прописи“, истакнуваат од Финансиската полиција.