Кремљ во вторникот соопшти дека Русија нуди енергетски производи со највисок квалитет по поволни цени и дека партнерите сами ќе одлучат дали да продолжат да ги купуваат откако САД воведоа санкции врз водечките руски нафтени компании.
Втората по големина руска нафтена компанија Лукоил беше принудена да објави продажба на своите странски средства поради новите ограничувања. Санкциите на САД, воведени по налог на претседателот Доналд Трамп, се дел од поширокиот притисок врз Москва да се согласи на прекин на огнот во Украина откако мировните преговори запреа.
Како резултат на санкциите, кинеските државни нафтени компании привремено ги прекинаа купувањата на руска нафта, додека индиските рафинерии, кои беа најголемите купувачи на руска нафта транспортирана по море, се очекува значително да го намалат увозот, соопштија извори од индустријата.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека секоја земја има интерес да стекне стратешки ресурси како што е енергијата во поголеми количини, со подобар квалитет и по пониски цени. „Во оваа смисла, руските енергетски компании остануваат исклучително конкурентни на меѓународниот пазар“, изјави Песков пред новинарите.
„Нудиме наши стоки. Тие имаат стратешко значење за многу земји, тие се конкурентни и привлечни“, додаде тој, одговарајќи на прашање за Индија и Кина, двете земји кои се меѓу најголемите купувачи на руска нафта.
Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела изјави дека Москва никогаш нема да попушти под притисокот од САД или од која било друга странска сила.
Путин ги нарече западните санкции „непријателски чин“, нагласувајќи дека тие „ќе имаат одредени последици, но нема значително да влијаат врз економската благосостојба на Русија“. Тој додаде дека енергетскиот сектор на Русија „се чувствува стабилен и самоуверен“ и покрај притисокот од Западот, според Ројтерс.



























