Селото Лепаја, во близина на Мерошина, стана центар на вниманието поради настан што не се памети во историјата на сточарството — не само во овој крај, туку и во цела југоисточна Србија. Кравата Беба, од домаќинството Младеновиќ, на свет донесе четири телиња — здрава и витална четворка.
Семејството имало претчувство дека ќе се случи нешто необично, но никој не очекувал вакво чудо.
– Сопругата претпоставуваше дека ќе бидат близнаци. И самиот ветеринар што ја осемени рече дека ќе бидат близнаци. Ама, ете, се случи да бидат два пати по две – раскажува Миодраг Младеновиќ, гордиот сопственик.
Телењето започнало ноќе, а на семејството му помагал Зоран, самоук ветеринар. Додека го допирал стомакот на кравата, почувствувал необично многу нозе, но не ни помислил што навистина се крие внатре.
– Мислев дека ќе биде теле со пет, шест нозе. Се случувало да се родат и со две глави, ама четири телиња — тоа не ми се случило – признава тој, видно изненаден.
По третото теле, Зоран и другите помагачи биле убедени дека завршиле, па отишле на кафе. Миоодраг останал со кравата и телињата, а додека тие пиеле кафе — на свет дошло и четвртото теле, пренесува порталот „ВидиВамо“.
– Јас не паметам да се отелила една крава со четири телиња, дури ни во цела југоисточна Србија – додава Миодраг.
Иако се малку поситни од вообичаено, телињата се здрави и силни. Веќе добиле имиња: Деки, Санела, Касандра и Боки.
– Јас сега имам четири бебиња – гордо рекла сопругата на Миодраг — реченица што најдобро ја опишува радоста и среќата што завладеале во дворот на Младеновиќ.
Овој неверојатен настан брзо се прошири низ целиот крај, а мештаните велат дека нешто слично не се памети. Приказната за кравата Беба и нејзините четворки стана вистинска инспирација и доказ дека чуда навистина се случуваат — токму таму каде што најмалку ги очекуваме.