Косово почна да прифаќа странски државјани протерани од САД, во согласност со договорот со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, објави во четврток косовскиот премиер Албин Курти.
Во интервју за локалната телевизија Канал 10, кое го објави Радио Слободна Европа, косовскиот премиер Албин Курти изјави дека Косово ги прифаќа „оние што САД не ги сакаат на своја територија“.
„Кога САД нè замолија да прифатиме бегалци од Авганистан, веднаш рековме да. (…) Прифаќаме и оние што САД не ги сакаат на своја територија – ако не се лажам, еден или двајца се веќе тука, а ние се согласивме да прифатиме 50“, рече Курти.Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја направи борбата против нелегалната имиграција приоритет за неговата влада, а властите значително ги засилија рациите и депортациите на недокументирани имигранти во последните месеци.
Стејт департментот на САД потврди во јуни дека балканските земји се дел од неговите планови за депортирање на недокументирани странски државјани, а владата во Приштина набргу потоа донесе одлука за привремено преселување на до 50 државјани на трети земји од САД во рок од една година.
Курти, исто така, во интервју за Канал 10 рече дека односите на земјата со САД се многу добри. Тој додаде дека сите несогласувања се поврзани главно со Србија и дека имало моменти кога САД верувале дека неговиот став кон Србија е премногу строг.
Суспендиран стратешкиот дијалог со САД
САД го суспендираа планираниот стратешки дијалог со Косово на неодредено време во септември, наведувајќи загриженост за однесувањето на владата предводена од Курти. Одлуката дојде во услови на месеци политичка криза во Косово и по неколку контроверзни потези на Приштина во претежно српскиот север на земјата.
Стратешкиот дијалог е процес што американскиот Стејт департмент го спроведува со различни земји за подобрување на билатералните односи, а амбасадата на САД во Приштина изрази надеж во тоа време дека тој би можел да продолжи во иднина.



























