Европската комесарка за проширување Марта Кос денес изјави дека најдобриот излез од политичката криза во Србија е спроведување на инклузивни реформи, особено кога станува збор за медиумите и изборниот процес.
Обраќајќи се пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, Марта Кос рече дека е направен првиот чекор, со започнувањето на постапката за избор на Регулаторно тело за електронски медиуми (РЕМ).
„Но, вистинскиот напредок во Србија зависи од враќањето на јавната доверба и вклучувањето на сите засегнати страни. Исто така, му кажав на претседателот (на Србија) Александар Вучиќ дека неговата посета на Москва испраќа погрешен сигнал и ги комплицира нашите напори да се залагаме за Србија“, рече Кос.
„Треба да продолжиме со нив за да покажеме дека реформите се исплатуваат“, рече таа.
Таа повтори дека проширувањето на ЕУ во сегашниот геополитички контекст е предуслов за обединување на Европа и зачувување на нејзината безбедност.
„Сакаме партнери кои ќе придонесат за нашата безбедност и одбрана како што ние придонесуваме за нивната“, рече таа.
Дека сегашниот моментум за проширување е сериозен, рече таа, се покажува со фактот дека во последните шест месеци се отворени повеќе кластери отколку во последните пет години.
„Заедно со земјите-членки, Европската комисија наоѓа начини да ја поедностави постапката за пристапување; да спречи билатералните прашања да го попречат проширувањето во овој многу чувствителен геополитички контекст“, рече Марта Кос.