Централните банки на глобално ниво го зголемија обемот на злато во нивните златни и девизни резерви за 18,5 тони во јануари, според прелиминарната проценка објавена денеска од Светскиот совет за злато (WGC).
-Централните банки беа многу заинтересирани за златото и во јануари – коментира аналитичарката на Светскиот совет за злато, Мариса Салим.
Најголем интерес за злато е забележан на пазарите во развој.
Најголеми купувачи на овој благороден метал во јануари беа Узбекистан, кој ги зголеми резервите за 8,1 тони, како и Кина со 5 тони и Казахстан со 3,8 тони.
Полска набави 3,1 тони злато во првиот месец од 2025 година, Индија 2,8 тони, Чешка 1,7 тони и Катар 1,3 тони.
Спротивно на тоа, Русија ги намали своите резерви на злато за 3,1 тони во јануари, објави новинската агенција Интерфакс.
Јордан ги намали залихите за три тони, а Киргистан за 1,9 тони, се додава во извештајот.
Минатата година глобалните централни банки купиле 1.180 тони злато, што е највисока бројка во последните четири години, објави претходно Светскиот совет за злато.