Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) денеска соопшти дека спречила обид на украинската воена разузнавачка служба во Москва да биде убиен митрополитот на Крим од Руската православна црква, Тихон Шевкунов.
Британските медиуми пренесуваат дека засега нема реакција од Киев на ова тврдење на руската безбедносна служба.
Шевкунов, кој со години во руските медиуми е опишуван како „исповедникот на Путин“ – што тој ниту го потврди, ниту демантираше – јавно се појавува со претседателот на Русија, Владимир Путин, од крајот на 1990-те. Кремљ претходно соопшти дека Шевкунов и Путин добро се познаваат.
Во 2023 година тој беше назначен за митрополит на Крим, станувајќи еден од највисоките функционери на Руската православна црква на полуостровот, што Русија го анектираше од Украина во 2014 година.
ФСБ во соопштението наведува дека уапсила Русин и Украинец во врска со заговорот и дека е запленета импровизирана експлозивна направа. Дополнително се наведува дека и двајцата осомничени го признале планот за атентат.
Од службата додаваат дека двајцата мажи, за кои тврдат дека се регрутирани од Украина преку апликацијата Телеграм, планирале обид за атентат од средината на 2024 година и имале намера да го убијат Шевкунов во Москва.
Украина ја презеде одговорноста за серијата атентати во Русија од почетокот на војната во 2022 година, вклучително и на прорускиот украински блогер Владлен Татарски во април 2023 година, како и на шефот на руските сили за нуклеарна, биолошка и хемиска одбрана, Игор Кирилов, во декември 2024 година.