Во изминатите 10 години, Абу Катада Аљбани ја предводеше џихадистичката група „Џемати Албан“ која се состои главно од Албанци од Косово и од Македонија, а денес е во владата на Сирија и е под санкции на САД за тероризам, објави српски Информер.
Абу Катада Аљбани, роден Албанец од населбата Чаир во Скопје, истакнува дека прави сѐ за да го признае Дамаск Косово, но дека ниту Приштина ниту Тирана не прават доволно на тоа.
– Во исто време, за среќа и за жал, има барање до новата сириска влада да ја признае независноста на Косово, но жално е што ова барање не го достигна соодветното ниво бидејќи беше испратено од ниво на заменик-министер за локална самоуправа, како што се сеќавам – рече Аљбани пред само неколку дена.
Тој објасни дека барањето требало да го поднесе претседателот или премиерот на Косово.
Претходно, во неколку изјави за медиумите, Аљбани истакна дека не жали што ги води Албанците кои се бореле во Сирија и дека работи на признавање на Косово од Сирија.
Неговите борци се спремни доколку Србија го нападне Косово
Во интервјуто, што беше емитувано на 2 јануари, Аљбани рече дека неговите борци се подготвени доколку Србија го нападне Косово.
Истовремено, тој ги критикува властите во Приштина и во Тирана дека не сакаат да го решат прашањето за оние Албанци кои сѐ уште се во Сирија.
– За жал, Албанија и Косово трчаат да помогнат и да ги засолнат Авганистанците и Иранците, кои се предавници на својата земја и народ, како и да им дадат државјанства, а зад себе ја оставаат сопствената крв и Албанците без државјанство, кои избегаа од српскиот масакр. На крајот, истата власт и партија ни продаваат интелигенција и патриотизам за Албанците – изјави Аљбани.
Абу катада Аљбани е од Чаир, а го водел албанскиот баталјон во Сирија
Абу Катада Аљбани е роден во Скопје на 25 септември 1976 година под името Абдул Јашари.
Тој тврди дека бил на боиштата на Блискиот Исток, главно во Сирија, во последните 12 години.
Единицата „Џамати Албан“, наведува тој, е основана во 2012 година и била активна во сите големи битки во северозападна Сирија.
– Албанските борци одиграа важна улога, не само на теренот, туку и во планирањето и во координацијата на операциите – рече тој.
Во летото 2018 година, оваа група објави видео „Албански снајперисти од Сирија“ во кое зборуваат за нивното учество на сириското боиште.
33-минутното видео набргу беше отстрането од интернет, а по овие информации „Франс соар“ објави поширока приказна за единицата.
Според тврдењата на овој весник, тие им се придружиле на џихадистите во едно од најсилните исламистички упоришта во Идлиб.
Тогаш беше откриено дека тие се бореле во Сирија како дел од џихадистичката група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС).
Абу Катада Аљбани бил на американската црната листа
Според истиот извор, Абу Катада Аљбани набргу станал лидер на Фронтот Ал Нусра, поради што во 2016 година бил на црната листа на американското Министерство за финансии и обвинет за тероризам.
Француските медиуми тврдат дека оваа единица имала околу стотина членови во тоа време, а најмногу ги имало во март 2015 година, кога групата имала околу 500 борци, главно од Косово и од Северна Македонија.
Одлучувачки момент за албанскиот одред џихадисти беше на 22 февруари 2019 година, кога неколку единици на муџахедини и воени единици кои дејствуваат во Сирија издадоа заеднички проглас „Поддршка и лојалност на Тахрир ал-Шам“.
На четвртото место на таа листа од 8 исламистички фракции се најде „Албанскиот баталјон“ со потпис на Абу Катада Аљбани, кој се потпишал како „директор на воената академија Тахрир ал-Шам“.
Хајат Тахрир ал-Шам е исламистичка милитантна група чии членови се главно салафисти, ултрарадикална секта во сунитскиот ислам. ХТС се обидува да формира држава во Сирија според исламскиот закон.
Групата се појави во 2012 година – 1 година по избувнувањето на граѓанската војна во Сирија. На почетокот тие беа наречени Џабхат ал Нусра, или Фронт Нусра.
Тие беа познати и како „сириски огранок на Ал Каеда“, но подоцна целосно се оградија од нив.
РСЕ наведува дека Фронтот Нусра стана една од најсмртоносните групи кои се борат против Башар ал Асад, користејќи тактики кои вклучуваат самоубиствени бомбашки напади и употреба на импровизирани експлозивни направи.
Американските разузнавачки служби проценуваат дека ХТС има меѓу 5.000 и 10.000 членови. Во 2018 година, Вашингтон ја стави таа група на црната листа на терористички организации, а по нејзиниот водач Ал-Џулани беше распишана потерница од 10 милиони долари.
Според специјализираните воени портали, лидерот на албанските џихадисти, Абу Катад Аљбани, важел за близок советник на многу врвни членови на ХТС, меѓу кои и Абу Мухамед ал-Џулани, водачот на ХТС.
Специјализирани воени портали кои се занимаваат и со единиците на муџахедините на Блискиот исток тврдат дека активностите на „албанската група“ во Сирија започнале во 2017 година и дека тоа се совпаѓа со нивното учество во конфликтите во Рас ал Аин, воздухопловната база Абу ал-Духур и Џиср ал-Шугур.
Најмногу се финансираат благодарение на одредот што го основале наречен „Албанска тактика“. Станува збор за единица која исклучиво се занимава со тактичка обука според договор со други џихадистички групи во регионот.
Оваа група ѝ овозможи на „Џемати Албанија“ да се врами како обезбедувач на висококвалитетна обука користејќи ја најновата опрема.
По соборувањето на Башар ал Асад на крајот на минатата година, Абдул Јашар, попознат како Абу Катада Аљбани, доби чин полковник.
Тој беше во група од само неколку странци кои тоа го заслужија.
– Денеска првата распределба на воените чинови или назначувања ја изврши врховниот командант на сирискиот отпор, Ахмед Шера. Јас самиот го добив чинот полковник. Ова е чест за нас, но истовремено и голема одговорност – изјави тој на 29 декември минатата година на својот Фејсбук профил.