Коалицијата Вреди ја обвини Демократската унија за интеграција (ДУИ) дека ја користи етничката реторика за да го прикрие, како што велат, својот криминал и непотизам. Во нивното соопштение, тие наведуваат дека повиците за „деалбанизација“ и „етничко чистење“ се само обиди за манипулација со јавноста, со цел да се скрие паниката во редовите на ДУИ поради губењето на привилегиите.
„Ако ДУИ навистина мислеше на Албанците, за 20 години ќе им ги решеше проблемите, а не ќе создаваше систем во кој семејствата на функционерите се богатат, додека обичните граѓани се принудени да ја напуштат земјата поради невработеност и сиромаштија“, велат од коалицијата Вреди.
Тие го посочуваат случајот со М-НАВ како пример за фамилијарното вработување во институциите под контрола на ДУИ, тврдејќи дека таму се вработуваат само лица со „правилно презиме“.
„Ова е срамен бастион на непотизмот, каде роднинските врски се поважни од компетенциите. Додека млади и квалификувани Албанци остануваат без работа, позициите во институциите се резервирани за синови, снаи и внуци на функционерите на ДУИ“, додаваат од коалицијата.
Во соопштението се наведуваат конкретни имиња на лица кои, според Вреди, се вработени во М-НАВ врз основа на нивните фамилијарни врски со високи функционери на ДУИ. Меѓу нив се споменуваат снаи, браќа, сестри и деца на истакнати членови на партијата.
· Верона Груби – снаа на Артан Груби како раководител на Архивот.
· Беса Халими – снаа на Ејуп Халими како раководител на набавките.
· Афердита Халими, Ајсере Алиу, Румеја Османи – роднини на Ејуп Халими.
· Гзиме Хасани – сопруга на Мухарем Хасани.
· Рејхане Османи – сестра на Бујар Османи.
· Арбин Весели – внук на Беким Незири.
· Бурак Исмаили – син на Хисни Исмаили.
· Самир Буши – син на Назиф Буши.
„Албанците не бараат ваков вид ‘еднаквост’, туку правда, еднакви можности и крај на системот што ги фаворизира само семејствата на моќниците“, заклучуваат од коалицијата Вреди.