Кинеската амбасада на Филипините ја повика Европската Унија да престане да „предизвикува проблеми“ во Јужното Кинеско Море и ѝ порача на Манила да не „фантазира“ за потпирање на надворешни сили за решавање на споровите во областа.
Соопштението на амбасадата дојде откако шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, го посети главниот град на Филипините и изрази загриженост за активностите на Кина во прометната морска област, каде што територијалните претензии на Кина се преклопуваат со оние на некои земји од Југоисточна Азија.
„Ја повикуваме ЕУ искрено да го почитува територијалниот суверенитет и поморските права и интереси на Кина во Јужното Кинеско Море и да престане да предизвикува проблеми“, се вели во соопштението објавено на официјалната веб-страница на кинеската амбасада, во кое се наведува дека ЕУ нема право да се меша во регионалниот спор.
Портпаролот на амбасадата, исто така, рече дека Манила треба да се врати на дијалог и консултации со Кина, наместо да „фантазира за потпирање на надворешни сили“ за решавање на спорот во Јужното Кинеско Море, според Ројтерс.
ЕУ и Филипините претходно оваа недела изразија загриженост во заедничка изјава за „нелегалните, принудни, агресивни и измамнички мерки“ на Кина против филипинските бродови и авиони за време на нивните законски поморски операции во Јужното Кинеско Море.
Кина полага право на речиси целото Јужно Кинеско Море, вклучувајќи делови од ексклузивните економски зони на Брунеи, Индонезија, Малезија, Филипините и Виетнам.