Руски воздушен напад, изведен во текот на ноќта, ранил 8 жители на станбена зграда во Киев, меѓу кои и 3-годишно дете, соопштија властите во понеделникот. Украинските воздухопловни сили, пак, информираа дека била нападната и населба во која се наоѓа стратешки важна воздухопловна база, објави Ројтерс.
Четворица од повредените во главниот град се хоспитализирани, а еден е во тешка состојба, изјави на Телеграм шефот на воената администрација на Киев, Тимур Ткаченко.
Украинското воздухопловство соопшти дека Русија преку ноќ лансирала 324 дронови и 7 ракети, при што главна цел бил Стaрокостјантинив, град во западна Украина каде што се наоѓа значајна воздухопловна база. Според соопштението, 15 дронови и 2 ракети погодиле цели на 3 локации, но не беше наведено каде точно.
Русија ја нападна Украина пред 3 и пол години. Нејзините чести ноќни воздушни напади, во кои понекогаш се користат стотици дронови, се придружени и со неколку ракети со цел да се преоптоварат противвоздушните одбрани.
Главниот град и поголем дел од Украина биле под воздушна опасност неколку часа во текот на ноќта. Полските воздушни сили, исто така, биле активирани заради заштита на националниот воздушен простор.
Повредените во Киев се жители на повеќекатница во Дарницкиот округ, соопшти градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.
Целосниот обем на нападот сѐ уште не е познат, а од Русија нема официјална реакција.
Двете страни негираат дека намерно ги гаѓаат цивилите, но илјадници цивили досега загинаа во конфликтот – најголем дел од нив Украинци.