Со цел подобро информирање на јавноста и потемелно запознавање со новините што ги носи новиот Закон за енергетика, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја започнува серијата отворени брифинзи и дискусии со енергетските чинители, институциите и медиумите.
Првиот настан од оваа серија под наслов „Можностите на новиот закон за енергетика, со особен осврт на мрежните оператори и електродистрибуција на електрична енергија“, се одржа во едукативниот центар на Матка, во присуство на Александар Пауноски, заменик директор на МЕПСО и Сашо Салтировски, директор на Електродистрибуција,
Настанот го отвори министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во своето обраќање нагласи дека законот, кој опфаќа над 300 страници детална регулатива, претставува историска реформа во македонскиот енергетски систем:
„Овој закон конечно ги модернизира ’правилата на играта‘ – од производство до потрошувачка. Особено важна е преобразбата на електродистрибутивниот систем. Секоја промена што ја донесовме има конкретен ефект: попрецизни сметки, повисоки стандарди и појасна одговорност.“
Министерката за енергетика, Сања Божиновска во своето обраќање нагласи дека законот, кој опфаќа над 300 страници детална регулатива, претставува историска реформа во македонскиот енергетски систем и додаде дека сè што е добра практика во ЕУ се имплементира во Законот за енергетика.
Волфганг Маиер, извршен директор на ЕВН Македонија, истакна дека:
„Новиот закон го поставува темелот за дигитализирана, транспарентна и ефикасна електродистрибуција. Како компанија, веќе работиме на ефективна примена на сите новини предвидени со законот. И можам да кажам дека ова е навистина добар закон кој ќе придонесе за унапредување на енергетиката во земјата“
Во рамки на сесијата беа претставени повеќе клучни новини, меѓу кои:
- Обврска за паметни броила – до 2031 година, 80% од домаќинствата ќе имаат паметно броило, со што се укинуваат проценките, а сметките стануваат потполно точни и проверливи.
- Засилена транспарентност – јасна и детална пресметка на тарифите и објаснување на сметките кон секој потрошувач.
- Зголемена одговорност на дистрибутерите – конкретни обврски за време на интервенција, известување и известувачка отчетност.
- Поголема заштита на потрошувачите – подобрени механизми за надомест при прекини или штети и нови регулаторни алатки за кориснички приговори.
„До 2031 година 80 отсто од граѓаните треба да имаат смарт броила, а првите веќе се очекува да бидат инсталирани за околу година и пол соп. Смарт броилата е само една од реформите кои ги носи новиот закон за енергетика. Со ова ќе се елиминираат паушалите на сметките. Во меѓувреме граѓаните на сметките ќе можат да прочитаат колку од неплатеното е потрошена електрична енергија, а колку паушал и ова се очекува да се случи од јулската сметка. Според надлежните се отчитуваат 85 отсто од броилата, таму каде што не се отчитува станува збор за затворени објекти или објекти каде што не може да се влезе“, соопшти Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.
Александар Пауноски, заменик-директор на МЕПСО, подвлече дека операторот на преносниот систем е подготвен за имплементација на новите технички стандарди:
„Стабилноста на системот, приклучувањето на нови обновливи извори и намалувањето на загубите се директно регулирани со овој закон. Тоа ни дава силна основа за да работиме појасно, поефикасно и со повисоки цели.“
Сашо Салтировски, директор на Електродистрибуција, пак, рече:
– Со овој Закон потрошувачот ќе има централно место и улога, сè се сведува на централизација и дигитализација. Ова е жив систем и сите чинители ќе треба да се вмрежуваат, а за тоа ни треба паметен систем. Обновливите извори дојдоа многу брзо, но добро се справуваме. Во наредните 20 години инвестициите во обновливи извори треба да се зголемат двојно. Но, ако за брзо време не почнеме со поставување батерии, ќе има проблем, бидејќи и сега капацитетите се исполнети 100 отсто. Ќе ни треба поддршка од луѓе и знаење за да ги забрзаме процесите. Сега имаме над 200 илјади смарт броила со далечинско отчитување и за 10 години ќе треба да ги смениме сите – изјави Салтировски.
Со Законот за енергетика се воспоставува нова рамка за дигитализација, ефикасност и отчетност во енергетиката, со јасни придобивки:
- За граѓаните: подобра контрола и сигурност
- За бизнисите: стабилно и квалитетно снабдување
- За животната средина: поддршка на зелена транзиција
Министерката Божиновска најави дека Министерството ќе продолжи со оваа серија едукативни и отворени настани во следниот период:
„Ова е само почеток. Ќе ги отвориме темите за обновливите извори, гасификацијата, енергетската ефикасност и критичните минерали. Отворената комуникација со јавноста и засегнатите страни е услов за успешна имплементација.“
Серијата брифинзи ќе е организирана во соработка со сите засегнати компании и институции во Македонија, а секој тематски настан ќе биде посветен на различен дел од законот.