Американскиот претседател Доналд Трамп, кој кратко чекаше пред Белата куќа пред да го поздрави својот украински колега Володимир Зеленски, беше запрашан од новинар дали смета дека тоа ќе биде добар состанок. Трамп не даде зборови како одговор, и наместо тоа гo крена палецот нагоре.
Зеленски пристигна во Вашингтон за да разговара со Трамп за потпишувањето на договорот за користење на ретките минерали на Украина и за безбедносните гаранции кои Киев ги бара од Вашингтон, но за кои досега не доби никаква потврда ниту зелено светло.
– Зеленски е добро облечен – им рече Трамп на новинарите непосредно пред двајцата лидери да се пробијат внатре во Западното крило на Белата куќа.
Трамп го игнорираше прашањето која е неговата порака до рускиот претседател Владимир Путин.
Би-Би-Си пишува дека ракувањето меѓу Трамп и Зеленски било пократко од ракувањето што Трамп претходните денови го имаше со францускиот претседател Емануел Макрон и со британскиот премиер Кир Стармер.
Трамп на средбата со Стармер го одби британскиот предлог за обезбедување американски безбедносни гаранции за Украина, велејќи дека договорот за минералите е доволен. Трамп повеќепати во минатите денови ја повтори пораката дека Европа е таа која треба да ги обезбеди гаранциите.
Трамп и Зеленски моментално разговараат. Внатре во Овалната соба, Зеленски му порача на Трамп дека не треба да има „компромиси“ со рускиот претседател Владимир Путин во преговорите за мировен договор.
Тој му покажа на Трамп слики од воени злосторства велејќи:
– Мислам дека претседателот Трамп е на наша страна.