На регионалниот пат Струмица-Валандово, во село Костурино, вчера се случи тешка сообраќајна несреќа помеѓу товарно возило и работна машина за сечење огревно дрво, при што двајца лица се здобија со тешки повреди, а еден малолетник со полесни повреди.
Како што соопштија од СВР Струмица за МИА, несреќата се случила на 12 септември околу 13 часот.
„Во судирот учествувало товарно возило „Волво“ со полуприколка со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од М.Т.(56) од Богданци, и работна машина за сечење дрва, управувана од Ќ.Е.(36) од Струмица. Во несреќата тешки телесни повреди претрпеа возачот и сопатникот на работната машина М.Е.(31) од Струмица, додека малолетен сопатник на машината се здоби со телесни повреди“, соопштија од СВР Струмица.
Повредените беа пренесени и згрижени во Медицинскиот центар Струмица, каде им беше укажана соодветна медицинска помош.
Увид на местото изврши екипа на Полициската станица Струмица, а јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица е запознаен со случувањето.
Според полицијата, причините за несреќата се во тек на истрага, а јавноста ќе биде дополнително известена за исходот.